На 4 октомври 2018 година, во просториите на Културно-информативниот центар на РМ во Софија, се одржа промоцијата на романот „Јадица“ и беше отворена изложбата на театарска фотографија од македонскиот писател и фотограф Владимир Плавевски.
Со голем успех пред публиката од дипломатскиот кор, писатели и претставници на софискиот културен живот, изложбата ја отвори директорот на КИЦ на РМ, д-р Сашко Насев, а публиката ја поздрави амбасадорот на РМ во Бугарија, Марјан Ѓорчев.
Ова беше 26-та самостојна изложба на Плавевски, а беа изложени фотографии од дојаените на македонското глумиште како Петар Прличко, Ристо Шишков, Ненад Стојановски, Перихан Туна, Ацо Ѓорчев, Салаетин Билал, Илија Милчин и други од нивни улоги во претстави на МНТ, Драмски театар, Албанскиот и Турскиот театар во Скопје и други театари.
Романот „Јадица“ го претставија издавачот Пламен Тотев и преведувачот Маријан Петров, а на присутните им се обрати и писателот Владимир Плавевски. Тој го искажа своето убедување дека ова дело ќе предизвика внимание кај бугарските читатели и, дека, станува збор за поинаква структура од неговите други дела („Јадица“ е трето дело на Плавевски што се печати на бугарски јазик, а претходниот роман „Комита“ е добро прифатен кај овдешните читатели) и едновремено потсети дека романот е добитник на наградата „Роман на годината“ на Утрински весник.