
На 22 мај (четврток) со почеток од 18:30 часот, како дел од проектот „Промоција на книги од македонски автори преведени на бугарски јазик“ на Македонскиот КИЦ во Софија, ќе се одржи претставувањето на книгата „Виенски гамбит“ од Анде Јанков.
Новоиздадената книга во Софија ќе биде промовирана од издавачот и литературен критичар Пламен Тотев и нејзиниот преведувачот Маријан Петров, во присуство на самиот автор кој ќе пристигне за средбата со љубителите на литературата.
Анде Јанков по професија е дипломиран економист кој работи во приватниот сектор повеќе од десет години. Освен пишувањето, во слободното време ужива и во патувања. Тој почнал да пишува кратки раскази во тинејџерските години, а сега пишувањето книги го смета за една од најголемите љубови во својот живот. Најважното нешто во создавањето приказна за него е да може да ја поврзе содржината на романот со пораката или идејата зад неа. „Виенскиот гамбит“ е неговата прва книга за полицаецот Виктор Николов. По големиот успех што романот го уживаше меѓу читателите, Анде замислува уште седум приказни што ќе го следат решавањето на различни, сè покомплицирани случаи.
За книгата „Виенски гамбит“:
Виктор Николов е 33-годишен инспектор од Одделот за тешки кривични дела во Скопјe. За време на својот одмор оди во Виена, за да го посети својот помлад брат Даниел, неуспешен писател кој едвај преживува работејќи како шанкер во елитен ноќен клуб.
Кога одлучува да оди во бар првата вечер, Виктор ја среќава Австријката Карен Фишер, и нивната привлечност е моментална.
Но, прекрасната ноќ се претвора во кошмарно утро. Девојката на Даниел, која работи за едно од најбогатите семејства во Австрија, е пронајдена мртва, а тој нема алиби. Неодамнешните расправии меѓу нив двајца излегуваат на површина и ситуацијата се заплетува во неочекувана насока.
Можеш ли да му се довериш на сопствениот брат кој тврди дека е невин? И како да поставиш граница помеѓу личниот живот и работата, кога главниот истражител што го гони твојот брат за убиство, е жената покрај која си се разбудил?
Непредвидлив роман кој ќе ве држи во неизвесност до последната страница.