На 9 јули, познатиот македонски гитарист Дарко Багески имаше солистички настап на класична гитара во Културно-информативниот центар на Р Мaкедонија во Софија.
Пред бројната публика изведе композиции од Џулијани, Мерц, Бариос, од Пјацола премиерно ја изведе "Инвиерно Портено", две бразилски композиции од Реис, комплексното дело "Македонска рапсодија" од Јовичиќ и обработка на Калајџиско оро на Мирослав Тадиќ, а за публиката во КИЦ-от, која го врати со аплаузи на сцената, ги изведе "Јовано, Јованке" и "Танго ен скај" од Диенс.
Багески (1981) е професор по гитара на Факултетот за музичка уметност во Скопје, одржува мастер класи на меѓународни фестивали и натпревари и често е член на жиријата. Музичкото образование го почнал во Скопје, а продолжил на академиите во Загреб и во Вајмар-каде што дипломирал. Мaгистрирал на Државниот конзерваториум за музика во Солун. Се едуцирал кај еминентни професори по класична гитара, како: Џевдет Сахатџија, Герхард Рајхенбах, Јурген Рост, Костас Коциолис.