Во организација на Културно-информативниот центар на Р. Македонија во Софија на 23 април во 19:00 часот во Камерната сала "Бугарија"– Софија, се одржа концерт на камерното дуо Весна Ангелова-пијано и Момчило Куфојанакис-виолина. На програмата на камерното дуо беа композиции од Бетовен, Тартини и Виенјавски.
Весна Ангелова е магистер по пијано на ФМУ, работи како професор по пијано и пијано соработник на инструменталниот отсек во ДМБУЦ "Илија Николовски-Луј"-Скопје. Има реализирано бројни соло рецитали и камерни концерти. Работи и како надворешен соработник на Македонската Филхармонија. Весна е добитник на први награди на државните натпревари по пијано во 1992, 1995 и 1998 год., како и специјална награда на меѓународниот натпревар по пијано во Нови Сад, Србија.
Момчило Куфојанакис е роден 1988 год. во Скопје, сега е студент на втора година на ФМУ во Скопје. За талентот на Момчило говорат и бројните досега освоени награди на државните натпревари во Скопје 1999, 2001, 2002, 2004, како и меѓународните од кои и Прва награда на Меѓународниот натпревар за класична музика во Приштина -2006 год.