
На 26 јуни (четврток) од 18:30 часот во Македонскиот КИЦ во Софија ќе се одржи концертот „Од Вевчани до Софија: македонска култура и традиција во ритам“. Со концертот Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани, преку македонскиот ритам од Западна и Источна Македонија, ќе ја претстави и промовира културата и традицијата на својата земја пред публиката во Софија, Р. Бугарија. Целовечерниот концерт на ,,Дримкол" ќе ја презентира содржината на песни и ора изведени од фолклорниот ансамбл, со традиционален оркестар во живо и автентични македонски народни носии.
Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ со богатата изворна народна носија, изворните инструменти, изворните кореографии од Вевчанското поднебје е ансамбл еден и единствен, различен од сите други во Македонија. Покрај учеството на домашните фестивали , фолклорниот ансамбл ја презентирал македонската фолклорна традиција на многубројни настани и фестивали во: Хрватска, Србија, Црна Гора, Грција, Италија, Бугарија, Албанија ,БиХ, Турција, Полска, Чешка, Германија, Франција, Велика Британија, Азербејџан, Русија, Украина, Литванија, Египет.
КУД ,,ДРИМКОЛ” – ВЕВЧАНИ Културно Уметничкото Друштво ,,Дримкол” од Вевчани во своето долгогодишно постоење остава силен белег на македонската сцена во делот на истражување, негување, зачувување и презентација на традиционалните вредности од областа на културата и уметноста.
Почетоците на оваа дејност во Вевчани датираат уште од 1947 година, кога за прв пат во Вевчани се формира играорна група која со своја програма зема учество на 11 Октомвриските свечености во Битола и Штип и се здобива со диплома на која е оценета како многу добра и пофалена.
Од тогаш, ваквата традиција почнува да се негува со силен ентузијазам од многу вевчанци: ученици, младинци како и учители, педагози кои работат со играорната група, а веќе во 1973 година ваквата играорна традиција добива и правна форма прво под името ,,Печалбар”, а потоа се преименува во „Дримкол”.
Денес во рамките на КУД ,,Дримкол од Вевчани работат неколку организациони форми: Фолклорниот ансамбал во чии рамки влегуваат првиот состав, детските фолклорни групи, составот на ветерани како и оркестарот на традиционални и современи народни инструменти; Пејалката група ,,Каданка”; како и Патувачкиот театар ,,Поклонисе и падни”
***
Програма на концертот „Од Вевчани до Софија: македонска култура и традиција во ритам“:
1. „По мене бабо по мене“ – обредна песна од Вевчани
2. „Илинкуле сеструле“ – ороводна песна од Вевчани
3. „Кој ми те лудо“ – соборско оро од Вевчани
4. „Домаќине добри гости ти дојдоа“ – сценска адаптација од Струшко поле
5. „Оро се вие крај манастирот“ – сценска адаптација од Железник (Демир Хисар)
6. Вокални напеви од Македонија
7. „Копачка“ – песни и ора од Пијанец
8. „Мори Маро, дилиндаро“ – сценска адаптација од Жеглигово (Кумановска котлина)