КУЛТУРНО-ИНФОРМАТИВEН ЦЕНТАР НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО СОФИЈА

  • Македонски
  • Български

Изложбата „Слобода?!“ на 15 ликовни уметници гостува во Уметничката галерија „Илија Бешков“ во Плевен

Уметничката галерија „Илија Бешков“, бул. „Скобелев“ 1, Плевен
26 Jul 2022 - 18:00

Третото и последно претставување на групната изложба „Слобода?!“ ќе се одржи на 26 јули (вторник) на отворањето со почеток од 18:00 часот во Уметничката галерија „Илија Бешков“ -  Плевен (бул. „Скобелев“ 1). Оваа патувачка изложба до сега ги посети градовите Созопол и Ловеч. За прв пат градот Плевен ќе биде домаќин на изложба од проектот „Поврзување“ на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија. Изложбата ќе остане отворена за посетителите до 12 август 2022 година.

Во составот на изложбата се делата на уметниците од неформалната група Конекција, кои се од Северна Македонија, но живеат и работат во Софија, Бугарија: Перица Георгиев – Пепси (Скопје), Марјана Иванова (Виница), Зоран Мише (Охрид), Иво Пецов (Виница), Павел Целкоски (Охрид) и Марјан Ѕингаров (Струмица).

Тука се делата и на ликовните уметници и професори од факултетите за ликовна уметност во Северна Македонија: Беди Ибрахим (Скопје, ФЛУ), Јован Шумковски (Скопје, ФЛУ), Катерина Деспот (Штип, УГД) и Срѓан Микиќ (Скопје, IBU).

Со своите македонски колеги изложуваат и бугарските ликовни уметници и професори од Националната Ликовна Академија во Софија: Георги Јанков, Нина Русева, Свилен Стефанов и Васил Колев. Свое учество има и уметницата Марија Алексиева од Бургас.

Во изложбата најзастапени се сликарските дела. Се среќаваат различни техники и авторски искази кои кореспондираат со зададената тематска насока. Од користење на различни форми на комбинација на сликарските техники до еднородна сликарска техника во конвенционален вид.  Употребуваните сликарски материјали се движат во широк дијапазон, со употреба на маслени и акрилни бои, молив, креда, пастел, апликација на дополнителни материјали кон основата која може да е хартија, платно или МДФ. Со сликарски дела се претставуваат Беди Ибрахим, Катерина Деспот, Марија Алексиева, Марјан Ѕингаров, Нина Русева, Перица Георгиев – Пепси и Свилен Стефанов.

Графиката е претставена во најголем дел со класичните графички техники – висок и длабок печат, како: линорез, мецотинта, акватинта, бакропис, сува игла, како и комбинации меѓу некои од нив, а исто така е застапен во помал дел и дигиталниот печат. Со свои графички дела учествуваат уметниците Срѓан Микиќ, Павел Целкоски, Васил Колев, Зоран Мише и Иво Пецов.

Плакатната уметност е претставена со делата на двајца од авторите. Со користење на компјутерските можности за дизајн и дигитален печат, како и со умешноста во областа на визуелната комуникација се претставуваат авторите Георги Јанков и Маријана Иванова.

Од вкупно 40 дела кои ја составуваат изложбата 3 се фотографии од концептуални дела на македонскиот уметник Јован Шумковски, кои сами по себе претставуваат посебна ликовна единица.

Изложбата е составена од авторските наслови како:  „Птици“, „Право или праведност“, „Реквием“, „Ослободително средство“, „Изохипси од Африка“, „Храбар нов свет“, „1984“, „Приказната на слугинката“, „Цикада“, „Реминисценции“, „Пејзаж“, „Почеток“, „Крај“, „Каде одиш?“, „Слободата, портал кон вистината“, „И во огнот штом ќе запролети“, „20 години матура“, „Артефакт“, „Фраер“, „Три нејасни објекти“, „Светлосна патека“, „Нејасна лекција по геометриска апстракција“, „Проникнување“, „Летен ручек“, „Копчето на длабокото езеро“, „Тотем – нескршлив дух“ и „R = 1: 2 и 1 : 200“.

 

***

 

„Зборот „слобода“ во последните години, особено по започнувањето на пандемијата од Ковид-19, се почесто е застапен во медиумите и во разговорите меѓу луѓето. Но додека една криза е можеби во затишие веќе се појавува друга. Од изолираноста од другите, сега глобалниот свет се најде во страв од воена, економска, политичка и друг вид кризи кои го потиснуваат чувството за слобода кај човекот.

Има мноштво дела од областа на науката и уметноста посветени на темата за слободата, но колку и да се обидуваме да ги применуваме добрите искуствата од историјата, на крајот секогаш токму нашите случаи на ограничување се уникатни и за нив немаме од каде да се поучиме за тоа како да стигнеме до слободата. Или пак сметаме дека сме доста понапред во еволуцијата на човечкиот вид и нам примерите од поблиската и подалечна историја не би ни завршиле работа во нашиот 21 век. Од таму и често користената фраза која изразува недоумевање за нашата реалност  - „Не е за верување како е ова возможно да се случува во 21 век“. Сето ова сочи дека ние како луѓе најверојатно се доживуваме понапред во еволуцијата од нашите претходници, а примерите од историјата, религијата, науката ги сметаме за неупотребливи во нашиот „напреден“ век. Во потрага по тоа постојано ново и постојан технички напредок ја забораваме нашата несовршеност и потреба од подлабоко проучување на нас самите, на нашиот внатрешен или духовен живот, покрај површинската нѝ оддаденост на формите за материјалното задоволство.

Можеби навистина војната е дел од човекот како вид, но да војуваме за идеи, филозофии и естетски разбирања е повозвишено од војната за играчки за материјална надмоќ над другите човечки суштества. И додека на нам, ликовните уметници, можеби не ни се обраќа доволно општествено внимание, ние упорно се залагаме за вистината, а таа се таи токму во нас. Уметноста е патот кој може да нè обединува и да носи мир и слобода на секој, но тој пат е за искрените патници.

Светлината и темнината одат заедно и од нашето занимање со цртеж сме научиле дека без светлината немаше да знаеме дека постои темнината, како и обратно, а балансот меѓу двете е веројатно да ни донесе убавина. Од егзистенцијалното искуство знаеме дека сме ограничени во нашите тела и чувствувањето на слободата се релативизира од начинот на нашето живеење. Откако ќе ја балансираме нашата материјална ограниченост со нашиот ум, внатрешен живот, естетска потреба, ќе ја согледаме слободата, која всушност е апстрактен нематеријален поим.

Изложбата на 15-те автори е посветена на тој нематеријален поим и акцентот е врз прашањето и визуелниот одговор преку делата, за тоа како секој автор поодделно реагира на чувствувањето на нашата современа слобода. И навистина, дали погласно се слуша зборот „слобода“ кога доживувањето на неговото значење отсуствува?

 

Беди Ибрахим е уметник со особено суптилно чувство за боја и светлина. Трите сликарски дела од неговиот циклус со наслов „Птици“ го потврдуваат тоа. За направата на своите слики си служи со комбинација на молив, креда, пастел, туш, како и со апликации на парчиња хартија врз основата од хартија. Користените материјали и начинот со кој си служи со цртежот, кој отстапува на бојата во својата улога, заедно допринесуваат неговите слики да зрачат со ведрина и лесна ненаметливост, но сепак остануваат воочливи и привлечни. Гледајќи ги делата на Беди Ибрахим е возможно да почувствувате раширување на чувството за светлина и воздушно пространство, кое пак може да ве натера да помислите дека барем за момент тежите помалку на земјата.

Беди Ибрахим и Перица Георгиев – Пепси ги врзува долгогодишно пријателство, особено изразено преку нивните арт делувања во групата „Зеро“ во Скопје, а нивната уметност ја докажува нивната блиска чувствителност.

Перица Георгиев – Пепси учествува со видео приказ на неговите дигитални слики, кои тој ги создаде во 2021 година. Користејќи ги алатките на компјутерската графика тој создава облеани од светлина и надеж моќни слики, макар и по чисто детски манир, коешто уште повеќе го засилува чувството за слобода и безгрижност во неговите дела. Видеото со наслов „И во огнот штом ќе запролети“ содржи поетски извадоци и медитативна музика во изведба на самиот автор.

Неговото второ дело „Слободата, портал кон вистината“ од 1990 година е слика, создадена во техниката темпера на хартија. Боите на сликата создадена во оваа техника имаат топла енергетска вибрација и го привлекуваат гледачот со своето присуство, за да се нурне во нејзината длабочина со помош на геометриските форми, кои од еден центар препраќаат кон уште еден подлабок. Сликата е создадена како форма на мандала.

Катерина Деспот од Прилеп има три дела, насликани со акрилни бои на МДФ подлога со наслов „Изохипси од Африка“, создадени во 2021 година. Нејзината професионална и главна преокупација е применетата уметност – индустрискиот, ентериерниот и екстериерниот дизајн, а во создавањето на делата има вложено толку дизајнерско чувство, колку и свој личен ликовен порив да ги посвети на изобилието на животот. Разгледувајќи ги делата надвор од нивниот концепт да бидат дел од дизајн на претходно замислен простор и поставувајќи ги во чиста ликовна концепција, како што е изложбата „Слобода?!“, нивното восприемање секако се променува.

Изохипсите, линиите на картата кои ги воопштуваат, соединуваат местата и точките од земната површина со еднаква надморска височина, носејќи ја својата информација и поставени една до друга создаваат свој графизам, во овој случај наликуваат на природниот дизајн на крзната на африканските зебри. Употребените бои се намерно ускладени, за да можат да потсеќаат на африкански пејзаж. Порака од делата може да дојде од самиот избор – да се претстави изобилието на животот во склад со природата на земната површина. Зачувувањето на дивината и изворот на животот како основа без која не би можела да постои слободата.

Марјан Ѕингаров со неговите платна од 2022 година, насликани со употреба на акрилни бои во комбинација со други материјали, со наслов „Реминисценции“ на некој начин го надградува својот минатогодишен сликарски циклус со наслов „Отсутност“. Таа отсутност на јасни форми, кои би биле објект на некакво сеќавање во неговите дела, како и во минатогодишните сеуште постои. Топлината на колоритот е во својата минимала и е заложен во основата на сликите, за да се придаде максимален графизам и контраст на апстрактните доживувања. Тие лични доживувања, чувства и спомени најдиректно говорат преку јазикот на апстракцијата, каде преку бојата, потезите и „здивот“ на уметникот може да се слушне срцето и болката.

Уметникот е среќен кога може слободно да ги изрази своите внатрешни пориви, како на среќа, така и на тага, болка и отсуство на посакуваното во животот. Сликарството ја носи таа утеха и ги прескокнува ограничувањата со помош на слободата на имагинацијата. Делата на Марјан Ѕингаров имаат силно присуство и се раскиваат најдиректно пред гледачите со блиска до авторовата вибрација од чувства.

Свилен Стефанов избра три платна од 2021 година: „Три нејасни објекти“, „Светлосна патека“ и „Нејасна лекција по геометриска апстракција“, насликани со маслени бои. Сликите се во препознатливиот негов стил и во формат близок до пропорциите на филмски или телевизиски екран, каде сликата и текстот се надополнуваат, за да го заокружат авторовиот концепт. Она што е највпечатливо кај овој автор е неговата слобода да прави необични комбинации на сликани објекти, каде што смислата добиена од визуелното се испреплетува со посланието од текстот, за да кулминира најверојатно во иронија или апсурд при крајниот прочит на сликата. Исто така треба да се има во предвид неговиот афинитет кон заигрување со симболи и смисли кои тој ги комуницира и извикува од неговата богата наобразба на полето на историјата на ликовната уметност, несомнено генерирана од неговата професионална оддаденост во таа сфера и како професор по историја на уметноста.

На првата слика ќе видиме три округли објекти на преден план, кои како од објектив на фотоапарат не влегле во фокус, на рамката на прозорец од непозната урбана средина. Испишаниот текст „Три нејасни објекти“ ја подвлекува важноста на нејасното очевидно присуство.

На втората ни се разкриваат банани на фон на заснежена планина, а во подножјето долу забележуваме силуети на воодушевена група луѓе кои најверојатно празнуваат. Испишаниот текст „Sendero Luminoso“ на шпански јазик може да е референца кон политичката историја на Перу или Јапонија, може да е оддавање на култ кон бананите и референца кон животот во Бугарија во времето на комунизмот.

На третата слика фрламе поглед преку нешто како рамка, во кое гледаме објект со налик на лубеници и геометриски фигури, на фон со налик на густа растителност. Долу, во подножјето, можеме да ја забележиме најверојатно мистеријата на предавање на учењето од учител на ученик, заклучок кој може да дојде преку перцепцијата на двата мали човечки силуети.

Свилен Стефанов во својата естетско-ликовна дејност од последните години се обидува концептуалната и неоконцептуалната уметност да ја донесе на полето на сликарството. 

Марија Алексиева од Бургас учествува со две свои сликарски дела од 2022 година, кои ги создаде по повод оваа изложба.

На првото платно, насликано со акрилни бои, со наслов „Цикада“ гледаме дел од преплетени човечки силуети, кои погледнато заедно наликуваат на преплетени нишки од ткаенина, на темниот фон, со налик најверојатно на ноќно небо. Насловот на делото разоткрива и една дополнителна насока на гледање на истото. Видот инсекти Цикади со налик на мали муви се опасен непријател на доста видови растенија, пренесувајќи микоплазма тие помагаат во распространувањето на болести. Силуетите на човечки фигури, чие движење се ориентира во насока на дијагоналите на форматот, придаваат драматизам на делото. Несомнено доживувањето на ликовното дело оформува чувства од спектарот на тагата или внатрешен неспокој.

Таа гама од чувства и доживувања Марија Алексиева ја продолжува со нејзиното второ дело „Обезличување“, составено од 6 дела, каде загатнатите форми потсеќаат на портрети на лица, но истите тие лица отсуствуваат, затоа што се избришани, искинати или недовршени. Можеби тоа се спомени за некогашни луѓе со свои мисли и сфаќања, кои подоцна се обезличиле и се претвориле во обична бројка корисници, загубени во нашето консуматорско опшество, останале само траги од бар кодови. 

Марија Алексиева на сентиментален начин ги лоцира општествените проблеми и преку таа обработка и рафинирање на чувствата се стреми да ја достигне својата лична слобода.

Нина Русева е автор на три сликарски дела со наслов „Пејзаж“ од 2021 година. Палетата од користени бои на трите платна е скоро идентична. Потезите од четката со црвена и темно сина до црна боја доминираат. Тука се исто така зелената, сината и на места бела или портокалова боја, како и други произведени нијанси. При изработката на овие дела авторката се послужила со слободата да се оддалечи од моделот – набљудуван пејзаж и да се препушти на сликање на нејзина внатрешна состојба. За да го предаде максимално својот внатрешен набој, таа избегнала исликување на пејзажни детали и непотребни објекти, сликите добиле апстрактен карактер и говорат преку експресијата на бојата и движењето на потезите.

Примерот на Нина Русева демонстрира чист сликарски однос, далечен на мудрувања и концепции, а едноставно, слободно, искрено и директно пристапување кон креативниот процес.

Зоран Мише и неговите графики со јасно дефинирани форми, кои ги воопштуваат неговите композиции во формата на круг или форма на семка од сончоглед, имаат силно изразено присуство и го мамат погледот на гледачот. И во трите свои дела тој демонстрира маестрално владеење на графичките техники акватинта, бакропис и мецотинта. Непринудениот и „неизмачен“ графизам предава едновремено лесност, игривост и слобода, а во исто време категоричност и убедливост во ликовното изразување.

За изложбата на темата за слободата тој ни ја нуди графиката „Летен ручек“, една семка од сончоглед како симбол за слободното летно време, кое можеме да го поминеме во некој град и покрај некој културен настан или друштво, со кое слободно разговараме за секакви теми од животот и светот, во една непринудена и лесна атмосфера.

Неговата втора графика „Тотем – нескршлив дух“ е игра на ликовните елементи – силно утврдена форма на круг која здраво во себе ја држи структурата од плет на кршливи ленти, испреплетени линии, кои алудираат на непробојност и издржливост. Со ова тој ја демонстрира директноста и рафинираноста на неговиот визуелен исказ, без ништо излишно. Делото може да ни порача дека слободата може да се најде во полнотата и единството со секоја една единка, која е во соработка со сите кои ја опкружуваат.

„Копчето на длабокото езеро“ е уште една варијанта на игра со ликовните елементи. Акватинтата ја создава внатрешноста со налик на водена содржина, а обединувачката форма на копчето ја затвора во утврден круг, пробиен со четири доста помали бели кругови. Делото зрачи со една особена поетика, која чистите ликовни симболи би можеле да ја предизвикаат за доживување кај гледачот. Тоа би можело да е едно копче кое некогаш било во својата функција, но подоцна било изгубено во слободните води на езерото, можеби Охридското, за да се претвори во артефакт на едно постоење и цивилизација. Другиот прочит би можел да биде, дека објектот од графиката содржи цело едно езеро, како што ни посочува авторскиот наслов на англиски: „Deep lake button“.

Павел Целкоски со графиките „Почеток“ и „Крај“ од 2021, и „Каде одиш“ од 2022 година, изработени во техниката сува игла, демонстрира еднакво високо ниво на техничко мајсторство, како и неговиот пријател и колега Зоран Мише, со кого заедно се дел од групата графичари на студиото „Принт нест“.

Првата графика претставува човеколика фигура, доловена како во движење на нечија утроба. Начинот на кој е исцртана фигурата поставува акцент врз материјалноста и пластиката на бесполовото суштество, кое колку што може да е фетус, толку истовремено има налик на мумија.

Втората графика очигледно е на мртва фигура од некаков животински вид, останата без крзно и веројатно во процес на разлагање. Линиите кои ја прекосуваат фигурата создаваат ефект на движење и ја оставаат некаде во слободното пространство да лебди или паѓа.

Третата графика од 2022 година исто така ја поставува материјалноста и минливоста на организмот и телото. Повторно труп, можеби нечија жртва. Во центарот е масивноста и материјалноста на трупот, додека екстремитетите се второстепени, а главата на суштеството воопшто ја нема. Она што овде го привлекува вниманието и создава определена концепција на творбата е испишаниот латински текст „Quo vadis“. Според житието на Свети Петар „Каде одиш?“ било прашањето упатено од него кон Христос, а Тој му одговорил дека оди во Рим, за да биде повторно распнат. „Quo vadis“ е и историски роман на полскиот писател Хенрик Сенкевич од 1895 година, во којшто дејството се одвива во антички Рим, околу 64 година, по времето на Нерон. Книгата ја развива приказната за падот на големата империја, за падот на вредностите и развратот, но и за спасението.

Срѓан Микиќ се изразува преку графичката техника линорез. Во трите графики од 2021 година е претставено личното видување за животот и општеството во денешницата. Тој ја разгледува врската поединец – општество.

Композицијата на првата графика „20 години од матура“ е изградена од мрежа задебелени линии кои го исполнуваат целиот формат на делото. Мрежата ја исполнува со околу 25 карактери на лица, а карактерите на лицата во нив може да говорат за различни животни приказни. Животот некои ги направил покрути, други здебелиле или оќелавеле и слично. Графиката е на некој начин е матурско табло, но со физиономии различни од оние на кои се сеќаваме од пред години. Тоа е и една форма на ѕид кој е изграден од тежината на карактерот на секој поединец во општеството. Секој е во својата ќелија на ограничувања и можности. Ѕидот на нашата општествена реалност се издига како меморијал кој не можеме да го заобиколиме.

Слична структура на градење на ликовната композиција ја гледаме во неговата втора графика „Артефакт“. Овој пат градежот или ѕидот од лични физиономии и карактеристики стои во пространството на некаков каменлив пејзаж како објект кој го наоѓаме, како артефакт, еден доказ за нечие некогашно постоење и делување. На еден чувствителен начин авторот преку графиката ни говори за трајноста или нетрајноста на нашите дела, до колку и како тие остануваат за идните генерации.

Во неговата трета графика една од тие ќелии, кои ја оформуваа структурата, мрежата или ѕидот од претходните графики, излегува самостојна и одделена од останатата структура, за да доминира и да го завладее пространството на ликовното дело. Тука една ќелија, една тула или камен ја игра улогата на фраер, на кој може сите други тули, камења или ќелии да му се восхитуваат, тој е ѕвездата од телевизиското студио и на малите екрани во домовите на општеството. Една ќелија, крунисана со црн шешир, се мултиплицира во множество огледала.

Васил Колев учествува со две графики од 2017 година со наслов „Проникнување – Крадец на гласови“. Авторот ја комбинира својата богата култура во сферата на класичните графички техники со можностите на дигиталната графика. Претставените дела се дигитални композиции, во кои се содржат елементи од негови оригинални графики, изработени во техниката бакропис и акватинта и слично.

Од црните нијанси на основата на двата формата пробиваат графички листови со пропорции близу до квадратот. Си служи со дигиталната типографија и неговиот личен ракопис, за да испише текст или зборови на бугарски и италијански јазик: „Крадец на гласови“, „еден, два, три, четири, пет, дваесет и еден“, за да заврши со „триесет и седум“ во долниот десен агол како со потпис, во годината на создавање во која е 37 годишен. Во неговите дела е загатнат неговиот автопортрет, а самите негови дела претставуваат поглед навнатре, навнатре во светот на уметникот и е еден вид авторефлексија.

Маријана Иванова се претставува со три плакати од 2022 година, кои беа создадени по повод оваа тематска изложба. Тие се посветени на литературни дела и преку нив авторката демонстрира особен естетско – филозофски приод кон темата.

Еден од плакатите е посветен на книгата „Храбар нов свет“ на Олдос Хаксли, објавена во 1932 година. Дејството на романот се одвива во Лондон во 2540 година, каде што власта ги комбинира репродуктивната технологија и учењето во соништата за да го промени општеството, кое е олицетворение на идеалите, кои ја формираат основата на футурологијата.

Вториот плакат на Маријана Иванова го обработува литературното дело „1984“ на Џорџ Орвел, објавено во 1949 година. Овој роман акцентира врз последиците од тоталитаризмот, масовниот надзор и репресивната групација на луѓето и однесувањата во општеството. Романот, како и плакатот на Маријана Иванова се фокусира врз елементите на прогонувањето на индивидуалноста и независното размислување.

Третото нејзино дело е со посвета на „Приказната на слугинката“ - футуристички дистописки роман од канадската авторка Маргарет Атвуд, објавен во 1985 година. Дејството се одвива во блиската иднина, во силно патријархална, тоталитарна држава, која ја соборува владата на САД. Централниот лик е жена, една од групата позната како „слугинки“, кои се насилно назначени да раѓаат деца за владејачката класа на мажи. Плакатното дело на Маријана Иванова се фокусира врз делот од романот кој ги истражува темите на потчинетите жени во патријархалното општество, губењето на женската индивидуалност, потиснувањето на женските репродуктивни права и различните средства со кои жените се спротивставуваат и се обидуваат да стекнат индивидуалност и независност.

Георги Јанков е претставен со два негови плакати од 2009 и 2010 година кои умешно и смисловно ја збогатуваат понудата од ликовни дела на изложба.

Делото „Право или праведност“ е создадено во контекст на проект на германски јавен обвинител за публиката во Потсдам, Германија. Визуелно се претставени два избора на закачалки во формата на симболот за параграф §, а зависно како ги читате законите во државата, така би можеле да стигнете до едното или другото. Едно до друго, како одделни параграфи, на закачалките стојат слободата и затворот.

Неговото второ дело ни претставува светло копче, од чии дупки за зашивање излегуваат два запалени фитили, за доведе при перцепцијата на комбинираните форми до заклучок дека се работи за двојна свеќа на темен фон. При догорувањето на фитилите копчето ќе биде ослободено од конецот кој го држи зашиен. „Реквием на уште една идеја на Георги Јанков“ е прекрасен спој меѓу визуелниот јазик и текст. Тој кон својата концепција додава постскриптум во намален текст, во кој на хумористичен начин се доискажува: „Погоре претставената приказна нормално би можела да се развие со уште случки и настани кои ќе го популаризираат уметникот на слеаните димензии, но тоа би довело до ѕвездена досада, а тој тешко дека би го заслужил да го претставиме како досадник. Уште еден. И без тоа е полно со здодевни луѓе кои се доживуваат не само како арт икони, но и како концептуални мудреци на своето време. Тие се два вида: Првите го банализираат културното, сликајќи цел живот една иста слика, редат една иста изложба и брборат на интервјуа празни сентенции за неминливото и духовното. Празни како картонски кутии. Вторите се прават оригинални. Го бараат скандалозното. Покрај тоа што во тоа нема грам творечка провокација. Зад скандалот тие ја кријат оскудноста од уметнички способности и персонален недостаток на имагинација. И тие се празни кутии од картон. А штом видиме наредени многу картонски кутии се досетуваме дека станува збор за продажба. Ете така.“

Јован Шумковски е сликар по вокација кој својот авторски пат го бара во континуираното иновирање на визуелниот јазик. Работи со различни медиуми, како што се сликарството, скулптурата, инсталацијата, видеото, фотографијата и др. Експериментира со најразлични, материјали и техники. На оваа изложба е претставен со три фотографии од негова инсталација, настаната во 2016 година.

Секако фотографијата како медиум е различна од просторната инсталација, а бидејќи тој се претставува со фотографија, неговото дело ќе го разгледуваме како фотографско, кое во себе носи информација за неговата уметничка инсталација. Делото кое се појавува во фотографските кадри е од циклусот инсталации, објекти, макети и видеа „Р = 1:2 / Р=1:200“ настанати во период меѓу 2004 и 2017 година. Во нив тој критички гo преиспитува просторот како социјална сфера и утописките аспирации на модерната архитектура.

Елементите од бетон, поставени во близина на Музеј на Современа Уметност од каде се открива глетка кон градот Скопје, предлагаат пропорционално намалено решение на организирана градска средина, плод на имагинацијата на уметникот.

Иво Пецов – Учествувам со две графики, обединети со насловот „Ослободително средство“, изработени во техниката сува игла, во комбинација со елементи на висок печат.

Првата, од 2020 година, е интерпретација на иконографијата од теракотна плоча од Виница (мојот роден град), која датира од VI - VII век. Ранохристијанското дело и претставената старозаветна тема „Даниел меѓу лавовите“ е поставена во внатрешноста на искршен современ патен знак за забрана на движењето. На фонот на ограничувањата од времето на Ковид-19 и промената на ритамот на животот, во ова дело се бара начин за ослободување преку античката молитвена поза на централната фигура. Делото во својот круг ги комбинира модерноста и античките човечки вредности.

На втората графика, од 2022 година, која е пандан на првата, е претставена силуета на астронаут или космонаут во молитвената поза оранта – подигнати раце нагоре и отворени дланки. Оваа втора графика ја создадов за да кореспондира со првата, со цел да го засили чувството за временско патување, во потрага по смислата на слободата и нашите универзални вредности.“

д-р Иво Пецов, куратор

                   

 

Share

Настани

За КИЦ на РСМ

E-mail: rmkic@yahoo.com

тел.: + 359 2 946 1492

ул. „Обориште“ 7, 1504 Софиja

Билтен

За информации и настани од сајтот

СИГУРНОСТ
Потврдувањето докажува дека сте реален корисник.

Календар

S M T W T F S
1
 
2
 
3
 
4
 
5
 
6
 
7
 
8
 
9
 
10
 
11
 
12
 
13
 
14
 
15
 
16
 
17
 
18
 
19
 
20
 
21
 
22
 
23
 
24
 
25
 
26
 
27
 
28
 
29
 
30
 
31